Расказ од Томе Арсовски, постхумно објавен во збирката „Лица од парадоксалниот албум“, добитник на првата награда на конкурсот за краток расказ на весникот Нова Македонија во 1960 година (воедно, таа година е за првпат распишан конкурсот за оваа значајна награда).
– Секогаш останува причина да живееш! – воскликна учителот и го буцна со виљушката поткопанчето. – Ете, на пример, јас. Стар сум, грд сум, ми се смее селото на грдотијата, што се вели, а пак имам причина да поживеам. Тој зина и со прсти ја придржа коската што зачудувачки бргу остана гола. – Ќе ја напишам таа историја со Нарцис и нека умрам.
Селскиот поп, кому му беше сосема нејасно зошто стариот веќе полуслеп учител пак го споменува случајот со Нарцис, кога неговиот расказ е очигледна лага, не му обрнуваше внимание, туку гледаше во чинијата и чепкаше од грозјето.
– И јас за тоа сум читал неброени книги и ако сакате, ќе ви покажам! Учителот малку како да се поткрена од триногарничето.
– Не дека се бранам: јас признавам дека сум ваков каков што сум и не се срамам од тоа. Но литературата не е во напишаните редови! Мудроста е меѓу редовите!
Попот и кметот, како под команда, се почешкаа зад уво.
– Од човека не останува ништо, освен она што може да се каже за него, – објаснуваше учителот. – За кого нема што да се каже, ќе биде справедливо заборавен! Тоа е стара мудрост! А ете, за Нарцис има што да се каже, а веќе го заборавивме. Зошто?… Ретки се грдите луѓе. А тоа е штета.
Попот и кметот, како под команда, уште еднаш се почешаа зад уво.
– Имам докази дека легендата за Нарцис е женска измислица! Нарцис постоел, тоа е точно, но бил најгрдиот човек на светот!
Стариот учител зборуваше погласно одошто случајниот гостин ќе помислеше дека е потребно. Веќе доволно запален, за големо изненадување на попот, првпат ја раскажа оригиналната приказна за грдото човече Нарцис. Онаа, старата, што беше ја слушнал можеби двесте пати само од устата на учителот, дека Нарцис бил толку убав што се вљубил самиот во себеси и огледувајќи се во водата, се лизнал и се удавил, па на тоа место никнало белото високо цвеќе нарцис (меѓу другото, тоа воопшто и не се вика нарцис, туку штркоцвеќе, расте по бариштана, под село, го знае секој селанец!) – таа приказна ја знаат сите и малку кој верува во неа. Зашто: ако бил убав, нека си бил, ако се удавил – нека се удавил, но да никнало цвеќе од удавен човек, тоа ни самиот Господ, – Господи прости ми, името чесно нека ти е, – нема да поверува. Малку ли луѓе се дават, а не никнува ни коприва, ни трн магарешки, а не некојси таму – нарцис!
Но ова беше сосема ново. Нарцис бил грд! И не само грд, туку и најгрдиот човек на светот!? Е, даскале, јас и на проповедите мои ги осудив луѓето што за грев Божји те задеваат, но ова – ова не ти е на место. Хм-хм!
– Имам непобитни докази! – грмеше даскалот. – Еве, – тој ја остави виљушката, таа заѕвони и се лизна во длабоката порцеланска чинија. – Сета легенда од темел е лажна. Само името е точно – Нарцис. Но Нарцис не беше единец, туку седмо од дванаесетте дечиња на стариот сиромашен овчар. И нема тука ништо легендарно: еве, кметов има два сина, исти ли се? Не замерувај, кмете, ама оној помалиот е некако поубав. Така ли е, оче? Десет прсти на рацеве, па и тие сите се инакви. Така ли е оче? Tа и оние деца: кое умно, кое ветерничаво, кое полично, кое погрдо, а Нарцис – грд, грд, па како малку и чукнат. Татко му и мајка му, кутрите, мораа да се срамат поради него! И што да сторат? Глупаво дете не е за дома – го пратија на школо како што стори Генадија-падарот со својот Коста. А тогашните училишта, се знае: еден учител и дома кај него одеа да учат дека светов бил создаден од четири елементи: вода, земја, воздух и оган. Така ли е, оче?
– Е, де, антихристите…
– Материјалисти се викаа,оче…
– Ти викаш материјалисти, а јас ти велам од лукаваго! Се знае кој го создал светот. Попот се прекрсти. – “Туку, ти кажувај што ќе кажуваш, па хм-хм…
– Е, – се помири учителот и продолжи, – се прошета Нарцис година-две и ете ти го назад. Не му оди школото. Ништо не зафаќаше таа негова глава. На грдотијата ли мислеше, му беше ли жал дека сѐ живо на подигравка го земаше, било што било, не учеше момчето и го прати учителот дома му… Пукнаа уште поголеми срамови. Браќата и сестрите да збеснат… „Бегај, грдотијо, ќе помисли некој дека си ни брат!“ „И каменот има повеќе мозок отколку ти!…“ И „уа, клемпо“ и „уши како ветрила11 и „диња а не нос“, денеска, утре ха, ха, ха, – хи, хи, хи и Нарцис остана сам. Ни другар, ни брат, ни рода, ни пријател. Само мајка му, кутрата, се смили, му даде десетина овци и го прати да ги пасе надвор од селото, далеку, далеку, нога и око човечко каде што не биле. И свирка му купи, шупелка овчарска, другар да му биде во самотијата.
Учителот воздивна. Попот и кметот се погледнаа и уште еднаш се почешаа зад уво.
– Капката камен разбива, а зборот човек убива, – со растреперен глас продолжи учителот. – Еден ден свиреше Нарцис и престана да свири. Ги пушти овците ноколу по шумичката, а самиот се спика во некои дрезги, во некои шамаци покрај езерото, се сврти уште еднаш да не би некој да го види и се погледна во водата. Што да види?Грдотија една!… Му падна жал и заплака… А две-три овчарки имаше што најмногу го прогонуваа. Го следеа дури од селото и кога видоа дека го снема и дека свирката му замолкна, побрзаа да видат: да не би да се удавил. И едната го здогледала како се огледува во водата и плаче. Кришум се прикраде и му застана над глава:
„Уху! Убавец‘“ – во самото уво.
Кликна момата како птица пролетна. Нарцис се уплаши, се лизна и падна во езерото. Наоколу јачи кикотот од палавото момиче. Таа не знаеше дека Нарцис, од уплав, се лизна и се удави.
– Не знаеше да плива,а? – заинтересирано праша попот.
– Не знаеше. -Учителот го искористи прекинот и си ја наполни чашата; првин својата потем и другите две. – По ден-два го најдоа, – продолжи, откако голтна од виното, – и го погребаа според тамошните обичаи и закони. И си тргнаа селаните секој дома си. Но за мртвите лошо не се зборува. И туку се накашла некој.
„Лесна да му се земјичката, кха-кха, мирно момче беше.“
„Да, да – воздивна друг – никому не пречеше.“
„Молчаливо си беше дететето, си знаеше дека природата не го надарила со личнотија, па трпеше…“
„А да видиш, кха-кха кога вака ќе си помисли човек… па и не беше толку грдо момчето, а? Голема глава на голем труп, дури природно!…“
„Да ти се позлати устата, синко, – се замеша некоја старичка. – Умни очи имаше Нарцис. Големи убави црни очи!“
И така… Од уста до уста, од колено на колено, легендата дојде и до старите Грци. И заборавија каков беше Нарцис. Бабата ги пофали очите, друг ушите, па носот, па рацете, па нозете, па опашката и – стана Нарцис убавец! Дури и се заљуби во себе! Дури, од многу самољубие, се лизна и се удави, ха! А ете ти го Нарцис – женски измислувања. Не дека и самиот сум грд, та да ги обвинувам дека од злоба ми се смеат. Смејте се!Но јас имам податоци, имам литература, имам научни докази за тоа! Нарцис е дете на озборувањето…
– Види беља, – се почеша кметот зад уво. – А, велиш, ќе напишеш?
– И дисертација, ако треба! – застрашувачки крена прст учителот. – Само, уште не сум готов. Една работа не сум расчистил: го сакаше ли она моме Нарциса или не. Тој пак си дотури вино. – Уште тоа да го докажам и ќе бидам готов. Сега само накусо ви го раскажав, инаку јас тоа ќе го напишам по грчки.
– Аха, аха…
– Што? Мислиш дека не знам. Само не со грчки букви, туку по грчки како што се зборува. По старото. Јас имам читано шест драми, тоа се антички трагедии, што се вели научно. Така ли е, оче? Таму не се вели ние како што зборуваме. Ете, на пример, јас ќе речам: луѓе мои, тој ме удри прв, ама јас не му вратив, зашто се уплашив од неговата сила. По старото е покусо, ќе речеш, о, брате, бич на стравот ги врза моиве раце!!!… Разбираш? И не се вели: од злоба и од завист не можев да ја согледам вистината, туку: змија на зависта ми ги врза очите. – Ќе напишам, па ќе видите!
И стариот селски учител потстана, го тргна со раката назад триногарничето од под себе и се збогува. Ќе напишам, мислеше, па ќе види целиот свет!…