Историја на луѓето кои умреа од страв (извадок)

Извадок од романот „Историја на луѓето кои умреа од страв“ на Ермис Лафазановски.

Кога Марек, уште како момче, првпат дојде во Скопје во 1970 година, душата му се одвои од телото и се врати назад од каде што тие двајцата заедно беа тргнале на пат. Од тие причини, токму од тоа време, а посигурно, токму дента кога згазна на почвата на градот Скопје, сфати дека не е веќе цела личност и дека постои само како тело, па од тој миг натаму почна да се именува самиот себеси: Марек, не можејќи никако – и покрај сите усилби што ги вложуваше, ако воопшто ги вложуваше – да зборува за себе како за јас.

Марек сака да се врати назад, беше првата реченица што тој ја изговори во тој манир и таквото себеименување во првиот миг помина незабележано кај неговите родители, кои во мигот се обидуваа да ги симнат големите куфери од вагонот на експресниот воз, кој чадеше небаре ја испушташе

душата врз слабо осветлениот перон, додека од малкуте клупи неколкумина љубопитни сонливи луѓе ги гледаа како тројцата сосе куфери сакаат одеднаш да излезат низ малата тесна вратичка, плашејќи се да не тргне возот.

Откако неколкупати тој повтори дека сака да се врати назад, притоа нагласувајќи го сопственото име, Хана, и покрај маките со додавањето иа куферите, механички му викна да престане да се пекмези, веројатно забележувајќи дека неговото однесување не е соодветно за ситуацијата во којашто се наоѓаат. Кога, конечно, сите тројца, заедно со бројните куфери, плус големото виолончело на Павле, успеаја да се растоварат на перонот, тој како навиен почна да реди реченици во кои не постоеше неговата душа, како што се: Марек не знае како се вика овој Град, на Марек му се моча, Марек го боли стомакот; двајцата, Хана и Павле, се погледнаа в очи, за миг забавувајќи ги итрите и нервозни движења на нивните тела и раце кои ги правеа првите приспособувања кон новата средина.

Ние изгледавме како покиснати глувци. Точно е, врнеше, беше ноќ, перонот смрдеше на чад и на прегорено масло, околу нас итаа непознати луѓе, слегувајќи или качувајќи се по скалилата на вагоните. Од прозорците се гледаа сонливи глави потпрени на нечистите стакла. Ние се чувствувавме загубено. Барем така ни се причинија првите мигови во Скопје. Ние во нас ја носевме храброста на откривачи на нови пространства, барем така велеше Павле, сеќавајќи се на тие денови. Ние бевме аргонаути, истражувачи на

возбудливи места. Ха! Камо да беше така! Ние… ние бевме загубени! А однесувањето на Марек ни дојде како капак. Марек сака да моча!

Во наредните години, кога оваа навидум безопасна поја- ва стана хронична, како што мислеа Хана и Павле, предиз- викана од возбудата на пристигнувањето во новиот град, и кога двајцата се посомневаа – иако се плашеа тоа да си го признаат, дека нивниот син има некаква ментална болест, екипа од стручни лица, му дијагностицираа илеизам. Оваа дијагноза ги успокои родителите, затоа што стручните лица им рекоа дека таквото однесување не е психичка болест туку повеќе инает – зашто, ако не е така, тие симптоми би ги носел уште од првите години, кога личноста се разоткрива себеси како субјект. Инает на што? Инает од што? Е, тоа не се знае и затоа ќе мора да се лекува. Но, велеа стручните лица, има огромни шанси тој да се излекува, само ако биде правилно третиран.

Впрочем, утешително продолжија стручните лица, мно- зина славни личности во нивните говори за себе зборувале во трето лице еднина, но тоа не ги спречило да бидат војсководци, познати политичари, спортисти или артисти. Се разбира, таквото однесување било својствено и за луѓе со психофизички, или со повеќе психички растројства, но тоа не беше случај со Марек.

За жал, ниту едно од стручните лица не успеа да го по- годи лекот со кој Марек веднаш би оздравел: требаше само да се врати назад таму во Карлови Вари, во Прага, или во

Албрехтнице на Блтава, и во другите мали местенца во Чешка, таму каде што се врати неговото јас во мигот кога се симнаа на скопскиот перон, оставајќи го неговото тело само, во непознат град, во непозната земја, меѓу непознати луѓе.

Гледано од оваа перспектива, кога Марек се сеќава на тие години, заклучува дека неговиот живот во Скопје бил само едно големо и болно истражување, можеби и копнеж кон соединување, чувство дека некаде на Земјината топка, а можеби и во Универзумот, во вселената, тој има еден брат близнак кој нема сопствено тело – во кое овој би се сместил – и поради тоа тој страда, не помалку од Марек. Голема беше веројатноста, така си мислеше во тоа време, дека тој негов двојник е надвиснат некаде над високите Татри, обидувајќи се озгора да го лоцира и да му се вотне. Ако ова е вистина, значи дека душата му се одвоила уште таму во Прага, при самото качување во возот, и дека воопшто не тргнала заедно со него и со неговите родители, што значеше само едно – дека тие двајцата се одвоени со огромни територии, планини, реки, мориња и езера – дека можеби никогаш повторно нема да се видат.

Кога ние стигнавме во Скопје, Марек не беше ниту дете ниту момчак, или и едното и другото, па не го интересираше ниту каде е, ниту каков е овој град, ни дали врне – а врнеше – ни каде ќе спие и каде ќе го осамне, затоа што немаше намера долго да остане. Овој град требаше да му биде само попатна станица и затоа беше рамнодушен; тоа е она чувство кога некој чека да ги смени возовите за да стигне до зацртаната дестинација. Беше повеќе од сигурен дека ако не денес, тогаш утре – ако не по еден месец, кога ќе помине летото – ќе се врати од каде што тргнал, со што ќе биде пресреќен, или пак во најмала рака ќе продолжи натаму во некој друг град, можеби во друга држава, сѐ додека не остари, додека не се умори и не си каже себеси: Е, доста беше, време е да се смирам, или да се вратам, сеедно. Сепак, првата мисла многу повеќе го успокојуваше. Уште пред да зачекори во овој град, за кој не знаеше ништо – па дури ни дали има деца во него – мечтаеше како ќе изгледа неговото враќање: ќе носи морнарска капа (тоа е вистина којашто не би требало да се промени), ќе има морнарско бело одело и ќе се смее. Потоа надолго и нашироко ќе им раскажува на сите каде бил и што видел, по какви мориња пловел, какви автомобили (можеби летечки) видел… Ќе има долга коса – тоа е сигурно, повеќе од сигурно – па кога ќе ја симне капата, должината на косата ќе им посведочи на сите коишто го познаваат за времето на неговото отсуство од дома; ако косата расте еден сантиметар месечно, за што не беше сигурен, должината на неговата коса, кога ќе се врати, ќе биде сведоштво за тоа дека тој отсуствувал повеќе од шест месеци, можеби и година. Потоа тој ќе се потстрижи, или ќе остане со таква коса се додека не дознаат сите дека бил во странство, по што ќе продолжи да си го живее нормалниот живот. Можеби ќе ги побара и скриените работи, кои ги беше скрил на сигурни места, за да не му ги земе некој додека е отсутен.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *