Лебед (извадок)

Извадок од романот Лебед на Ана Стојаноска.

Стои во мракот пред тесниот премин странично од сцената. Од сцената допира доволно светло за да го види Габриел убаво. Стои во мрачниот премин и гледа. Го гледа додека се подготвува да излезе. Го гледа како да гледа низ филмски објектив. Играта на светлина и сенка потсетува на некои од старите филмови. Филм ноар. Габриел е свртен со грбот. Горниот дел од телото му е гол. Се гледа мускулесто формираното торзо. Секое треперење на мускулите. Благото придвижување при дишењето. Една капка пот што полека слегува помеѓу двете плешки. Тој е концентриран. Вдишува длабоко, се растегнува. Го придвижува вратот лево-десно. Десно-лево. Неколку пати. Познат потег доведен до совршенство. Го гледа додека чека да влезе во неговата сцена. Го запира воздухот, речиси и не дише.

Сака да го гледа. Сакаше да го гледа. Сакаше да го гледа постојано. Сакаше да го гледа без никаква причина. Едноставно, светот не можеше да постои ако не го гледаше. Го гледаше. Додека вежба, настапува, трча, се подготвува за настап. Го гледаше естетски моделираното тело што го посакуваше толку многу и не можеше да одолее на секоја прилика да го гушне, да го допре, да остави делче од себе на него. Сакаше да го гледа него, затоа што знаеше дека потоа ќе може да свири најдобро што знае. Дека тогаш нотите сами ќе се отвораат, дека прстите ќе предизвикуваат конфликт и експлозии од емоции. Дека сета музика однатре ќе стане звук претворен во убавина однадвор. Го гледаше. Го гледаше секогаш кога можеше. Го гледаше во себе кога не можеше. Го составуваше неговото лице како сложувалка секогаш кога ќе запреше среде свирење, кога прстите немаше да може да ја продолжат партитурата, секогаш кога недостигаше мотив за да продолжи да свири. Габриел беше поттик, мотивација, муза. Неговата игра беше прималниот импулс за музиката што ја свиреше.

Сакаше да го гледа.

Ги почувствува дланките и нивното згрчување. Музиката во позадина беше водена до кулминација. Убави беа ваквите живи изведби, кога оркестарот е контролиран и прецизно воден од врвен диригент. Габриел беше совршено мирен. Го чекаше последниот удар на удирачките инструменти за да може да влезе. Неговата мирнотија го стопуваше со вселената. Не можеше да го рече истото за себе. Трепереше, и тоа видливо. Од секое делче на телото извираше потребата да свири. Да го допре пијаното, да ги почувствува клавишите. Сакаше да свири. Сега и тука. Сепак, остана во сенката на сцената. Една солза се лизна по образот. Не! Не смее да плаче!!! Почувствува туѓа рака на рамото: Ве молам седнете на вашето место. Ќе седне. И ќе го гледа. Исто како и порано. Потоа ќе влезе во неговата гардероба и ќе го прегрне онака влажен и испотен. И среќно ќе потоне во неговото високо тело. Го обожаваше тоа тело уште од првите знаци младост на него. Тоа негово тело…

Сепак, нема да седне на своето место. Солзата значеше слабост. А слабоста не треба да ја види тој. Знаеше дека додека игра, погледнува и во публика. Не, нема да дозволам да ме види додека тонам во својата слабост. Ќе го чека во гардеробата. Запали цигара во ходникот. Двете балерини што чекаа на излез восхитено зборуваа за Габриел. Му се воодушевуваа како игра, како левитира кон бескрајот. Исто и јас, си рече во себе. Исто и јас. Вљубеност, како и кај балерините. Само што ова беше љубов. Чиста љубов. Непозната за многумина. Љубов во изворна форма. Се насмеа. Го погледна. Играше како и секогаш, совршено споен со музиката, покажувајќи ѝ на публиката како балетанот може да ја раскаже приказната.

Сакаше да свири. Не, не смее да свири сега. Дланките! Рацете се тресат и ништо не може да ја смири нивната емотивна експлозија. Ја истресе пепелта од цигарата. Влезе во гардеробата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *