Не правете им сенка на гробовите (извадок)

Извадок од книгата „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова.

                                              3.

Во последното утро  од месец март, Сташа го пиеше своето кафе надвор, апсорбирајќи ја сончевата светлина, како да живееше од фотосинтеза. Многупати, мајка ѝ и ја задеваше дека тоа што речиси и не јаде, изгледа како навистина да живее од фотосинтеза.  Нејзината анксиозност и меланхолија, ја препишуваше токму на недостатокот од храна.

Сташа никогаш не ги слушаше критиките упатени до неа, а ги добиваше често. Можеби токму поради таа анемија со која живееше од мала, немаше или не сакаше  да си одаде дел од енергијата, која ја имаше доволно само да живурка – размислувајќи за тие критики.

Сѐ почна кога беше сѐ уште дете, кога почнина дедо ѝ.

Не разбираше зошто сите плачат за заминување на дедо ѝ на „другиот свет“ – како што ѝ објасни мајка ѝ.

– Вујче, јас не разбирам како ќе замине на другиот свет, кога вие го потрупавте со земја?, разочарано рече тогаш.

– Земјата ќе му го задржи телото, за да може душата полесно да патува бидејќи таму кај што ќе иде, телото повеќе не му е потребно. За тоа секој копнее за тоа ослободување –  ѝ објасни вујко ѝ кој беше многу помлад од нејзината мајка.

– Зошто тогаш сите плачат, не сакаат дедо да биде слободен?

– Сакаат, но телото е тоа по што се забележуваме и единствената работа по која се разликуваме. Не плачат по дедо ти, плачат по неговото тело бидејќи тоа исчезнува. Ќе ни фали на сите таа негова грамадна фигура со која изгледаше како со планини да се хранел –  се обидуваше на најлесен начин да ја утеши вујкото малата Сташа.

– А сега, што ќе се случи со неговото тело? Ако тој се хранел со планини како што рече ти, дали сега планините ќе е хранат со него?-  праша.

– Планините не се хранат. – не знаеше веќе што да ѝ зборува вујко ѝ.

– Епа тогаш што ќе се случи?

– Ништо.

– Па тогаш зошто сите плачат, кога ќе можат кога и да сакаат, да дојдат, да ја тргнат земјата од него и да го видат? – не попушташе.

– Не можат бидејќи телото нема да биде веќе исто.

– Зошто?

– Затоа што црвите ќе му го издедат месото и ќе останат само коските! –  изнервирано одговри вујко ѝ.

– А црвите кога ќе ги  потрупаат со земја, кој им го јаде месото? – праша, сѐ уште мала за да ја почувствува болката на тоа.

– На црвите никој не им го јаде месото, бидејќи тие веќе се хранеле со месо. Со скапано месо! –  сѐ повеќе губеше трпение вујко ѝ.

Оттогаш, речиси воопшто не зборуваше. Иако во сето тоа гротескно испраќање, никој не ѝ обрна внимание, таа од тој момент стана сосема друго дете.

Веќе воопшто не уживаше во детските игри. Закопуваше сѐ што ќе стигнеше под земја, за да ги засити црвите, немој случајно да умрат од глад и  кога ќе ја стават неа под земја, да нема кој да ѝ го изеде месото, па ќе мора да го влечка телото и на тој друг свет, за којшто сите зборуваа и којзнае кога ќе стигнеше.

Затоа, секојпат кога ќе донесеше татко ѝ уловена риба, криеше неколку и ги ставаше под земја, за да остави храна на црвите.

Кога немаше риба, трчаше по дворот бркајќи врапчиња, за да ги стави и нив под земја. Затоа речиси воопшто не јадеше, бидејќи сметаше дека тоа е работа на црвите кои осквернуваа нечие постоење а и ѝ беше страв, немој да не можат да ја изедат цела, ако јаде толку многу.

Како што поминуваше времето, а таа растеше, улогата на црвите веќе не ја привлекуваше, туку сега сакаше да ја заборави. Не за неа. Сакаше да ја заборави поради нејзините родители, кои не сакаше да замисли како ги јадат црви. Не и‘ беше повеќе важно за тоа дали тие со телото полесно ќе патуваат во другиот свет. Ги сакаше сега во овој свет, а тоа сакање не знаеше да го искаже на друг начин освен гушкајќи го нивното тело.

Затоа, кога веќе порасна, секојпат кога ќе видеше црв, го јадеше. Како да сакаше да им се одмазди за тоа што ќе го сторат во иднина на нејзините родители.

Утрата ги поминуваше седејќи на тераса, буричкајќи низ саксиите со земја во кои секогаш наоѓаше по  некој црв, и скришно го пропушташе во уста. Здивот ѝ имаше мирис на црви, кои никогаш не ги џвакаше, туку директно ги голташе. Не сакаше да им ги скрати маките и така создаваше царство од црви во нејзиниот желудник. Некогаш ги чувствуваше како ѝ лазат внатре во желудникот и со чаша вода го смируваше нивното беснеење, како да сакаше да им објасни кој е главен тука.

Од мислите за црвите во нејзиниот желудник ја отргна мајка ѝ која во раката држеше парче торта, од која дел се наоѓаше во нејзниот душник и неуспешно се обидуваше да го искашла.

Почна да повраќа парчиња месо и непроголтана торта. Повраќаше долго како црв кој собирал сѐ во себеси од долгото гнетење и сега не знаеше што прво да поврати.

Сташа гледајќи ги те парчиња месо кои излегоаа од утробата на мајка си, почна и таа да повраќа, исфрлајќи ги сите црви кои долго време ги чуваше во желудникот.

Црвите, како разбудени бебиња полни со нова енергија се движеа следејќи ги трагите од храна кон мајка ѝ. Полека почнаа да се качуваат освојувајќи го секој дел од нејзиното тело, а нивната изгладнетост не чекаше да ја потрупаат со земја. Низ целото тело, почнаа да ѝ прават дупчиња, низ кои Сташа се обидуваше да ја види душата на мајка ѝ. Ја бараше и ја бараше, но не ја виде, иако дупките стануваа сѐ поголеми.

– Сташа, зарем не гледаш дека за малку ќе се задавев?-  ја прекори мајка ѝ.

– Извини мамо, се замислив – одговри Сташа со насолзени очи, за првпат прифаќајќи го парчето торта подадено од мајка ѝ.

– Ова е за душата на дедо ти – додаде мајка ѝ, видно изненадена од тоа како со сласт ја јадеше Сташа тортата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *