Сивиот плоштад (извадок)

Извадок од книгат „Сивиот плоштад“ на Сашо Огненовски.

VI ПАНИКА

Таа квечерина веднаш до Тунелот „Грич”, на улицата Месничка се прошетуваа некакви мајстори. Завршуваа со работата за тој ден. Ја реставрираа старата гривкаста куќа која требаше следниот ден да ги дочека своите нови господари. Овој март и во Загреб не донесе надежи дека ќе им се насмее сончева пролет. Суморно утро со тешки затестени облаци и по некоја капка дождец. Велечесниот Фрањо Меѓиморец, свештеник на свои седумдесетти години седеше на јајцевидната старинска маса во прилично непријатно расположение, додека Домагој Пириќ стоеше на прозорецот без завеса и замислено гледаше надвор.

„Ќе ми ја кажете ли конечно причината за оваа наша средба? Не сме се виделе има триесет години. Многупати сте ме одминувале кога се сретнувавме на улица, а вашето семејство бегаше од мене како од ѓавол.”

„Токму затоа и ве повикав, господине Фрањо. Затоа што сте ѓавол.” Домагој погледна надолу и констатира дека мајсторите веќе си заминале и дека надвор веќе нема никој. Тоа беше мирен кварт иако беше во центарот на Загреб веднаш до паркот.

„Како?”, се подзасркна свештеникот испивајќи една голтка од кафето кое се веќе беше изладило додека чекаше да проговори неговиот „пријател”. „Се што се случуваше со вас и со целата таа шарада со затруените деца не беше мој проблем. Зарем се уште ќе објаснувам? И судот го кажа своето, а помина и толку време. Ми го губите времето, господине …” Свештеникот Меѓиморец стана демонстративно, а Домагој го задржа со својот продорен бас се уште не завртувајќи се.

„Седете!” Меѓиморец уплашено седна, и повторно подголтна, а потоа кратко воздивна држејќи се за градите. „Срцето ви е посилно од моето иако јас имам 42 а вие 73. Значи нема место за преправање. Сакав да се договориме за една работа. Јас сум лекар еве веќе петнаесет години и не можам да ја најдам трагата на таквиот отров. Конвенционалната медицина не може да го предвиди составот и мислам дека тоа ве спаси. Муслиманските деца можеа да се искоренат само така. И покрај семоќниот комунистички режим со лепезата од начини на истребување, муслиманите од тој кварт можеа да се преместат само на тој начин. Така ли е? Или не е?” Свештеникот овојпат погледна право кон него, но ништо не проговори. „Не сум правдољубец и мислам дека бевте во право, а тоа што терам хуманитарна кариера како омилен хирург, само јас единствено знам како успевам да ја одржам. Точно знаете дека во верата кон Господа нема леб, нема пари. Смртта е единствениот златен рудник. Мислам дека се разбираме!”

„Знаев дека сте подлец! Немам јас никаков путер на главата!”

„Вашата глава сега не вреди ни скршена пара! Она што треба да го добијам е вашата ценета формула, формулата што црвените другари ја платија со добар имот во кој понекогаш ги галите средношколските момчиња за кои исто така сите знаат, а и демокративе не се потресуваат многу околу тоа. Има и во нив слуги на мрачните сили. Значи…?”

„ Се чудам како се дрзнувате …!”

„Немојте да се чудите „пречесен”. Да можев да го направам тоа немаше да го губам сега времето со човек кој не сакам ни на патот да го сретнам.” Домагој веќе беше седнат на многу непристојно растојание од свештеникот така што овој мораше да стане и да отиде до прозорецот.

„Во ред. Формулата ја немам со себе. Ќе мораме да се видиме пак. Тоа е еден лист хартија кој морам да го побарам. Сепак, поминаа толку години.” Во меѓувреме Домагој се приближи и се залепи за него. Од џебот извади лист хартија и пенкало и ги залепи за ѕидот до прозорецот.

„Овој став го милувате и прилично ве возбудува. Мене не, верувајте ми. Ми се гади од тоа, ама морам да ве потсетам на тоа дека вашите наивни финтички ме засмеваат. Пишувајте!” Фрањо занемено се обидуваше да се ослободи од стисокот на овој прилично широк и мускулест маж и со растреперена рака почна да запишува на листот хартија. Лекарот Домагој како читаше така се чудеше. Кога свештеникот заврши со пишувањето на фаталната формула, всушност на тие десетина реда, побара да се ослободи од непријатниот стисок на лекарот. „Сигурни сте дека овие состојки се вистинските?” Свештеникот цинично му одврати. „Пробај, па ќе видиш. Ќе се увериш сам!” Домагој гневно го заврти со лицето кон него, но сепак се уште го притискаше со своето тело до ѕидот. „Умен „пречесен”. Те прашувам затоа што ако намерно си погрешил ќе немаш време за да поправиш.” Фрањо преплашено подголтна. „Пушти ме! Ти дадов што сакаше! Повеќе нема никогаш да ме видиш! Прави што сакаш со неа!” Домагој се засмеа гргорливо и силно го стегна за вратот. „Сигурен ли си дека формулата е таа?” Фрањо загргори беспомошно. „Дхаааа… дааа….” Се гледаа така неколку минути и Домагој го пушти. „Силен си, можеш долго време да издржиш без воздух!” Свешетникот воздивна и го оттруна лекарот. Си ја избриша потта со белото шамиче и тргна да го заобиколи за да си замине. Домагој ги задржа за раката. Тој се стаписа. „Јас сум сигурен дека ова ќе остане меѓу нас. Ти?” Фрањо климаше со главата грчевито обидувајќи се да се ослободи и од овој стисок. „Сигурен сум во тоа! Знаеш зошто?” Фрањо се заврти кон него.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *