Сок од простата (извадок)

Извадок од романот „Сок од простата“ од Јован Павловски.

З
Претпладне, 8 април, и сеќавањето за Љубов Алексеевна Горчинова

Тоа беше нешто како свилен глас:

– Ве молам, може ли да зборувам со Ристо Змиски?

Немаше ни два месеца како беа дојдени во Москва. Се уште како да се движеше по месечина. Ѕвонењето на телефонот го буди од сон и него и Васка. Доцна е – нешто пред полноќ.

– Кој е тоа толку доцна? – го прашува Васка Бикова.

– Немам поим! – признава.

Потоа кон соговорничката од другата страна на жицата:

– Ристо Змиски веќе неколку месеци не живее во Москва.

– А каде е? – се тегне свилата од другата страна.

– Веќе е во Југославија. Одамна.

– Нема да се врати брзо?

– Мислам дека ќе се врати. А кој го бара?

И пак таа свила што се одмотува:

– Јас сум Љубов Апексеевна. Негова дамнешна познајничка.

– Па сте требале да знаете дека Ристо веќе одамна не живее во Москва.

Се труди да ја задржи што повеќе на телефонот. Околу таа своја желба потоа ќе размислува со месеци и години, без да може да го најде најлогичниот одговор: Зошто тогаш му беше важно да ја задржи што подолго на телефонот?

– Знаете, јас не сум оттука. На поминување сум низ Москва.

Нејзината прва меѓусебна лага.

Тој:

– Ако останете овде уште ден-два, очекувам Ристо да дојде задутре во Москва.

Неговата прва меѓусебна лага.

– Ке бидам сигурно тука. Ќе се јавам.

Не тој, туку таа му вели: – Имате убав глас. И убаво зборувате руски. И вие сте Македонец?

– Да, од Скопје.

– Ми беше драго што се слушнавме. Дослушање.

И тоа беше сѐ.

– Што бабина толку долго разговараше? – Васка Бикова сега е сосема будна.

– Некоја женска го бараше Ристо.

– Стар пичкин штос – тоа го работи секоја курва: дали е тука Ристо? А потоа, збор по збор, до првата средба со новодојдениот.

Изненаден е од нејзиното логично размислување. Збор по збор и – прва средба!

– А можеби КГБ ме проверува – вели.

Таа, како и секогаш кога е сигурна во себе:

– Го боли пичката КГБ за тебе!

И пред да заспие, повторно:

– Ако не ти се бендисуваше тој разговор, не би ја тегавел толку!

Тоа беа првите недели кога Васка Бикова се обидуваше да се навикне на овој град. Рамнодушно ги крена рамениците уште тогаш, во Скопје, кога ѝ рече дека ќе конкурира за претставник во Москва.

– Мене и на децата ни е убаво и во Скопје! – беше категорична.

Дури по неколку долги, натегнати, жолчни, нервозни, испрекинати, потегни-повлечи разговори, му рече:

– Мојот последен збор: ќе дојдам на неколку месеци и ќе видам – ако се привикнам: добро, ако не – се враќам назад! Децата започнаа да студираат, јас имам убава работа, свое друштво, познати, а ти – како што сакаш!

Ги помина првите два месеца во Москва и тоа беше максимумот што можеше да го издржи. Вечераа во „Национал”, во „Интерконтинентал”. Беа постојани гости во „Ѕвездено небо”, го посетуваа барот „Висоцки”, во долгите попладниња седеа со часови во „Меѓународна”, па сепак, едно претпладне му рече:

– Овде се чувствувам сосема сама!

Заплака.

Кога ја испраќаше за Шереметјево чувствуваше некоја радосна рамнодушност што заминува. Беше апсолутно убеден: таа исто така.
Не се ни бакнаа на разделба. Васка Бикова беше преокупирана како ќе го пренесе преку граница сѐ она што го изнакупи за овие шеесетина дена, беше возбудена, нервозна, особено ја обеспокојуваше кобалт-сервисот за дванаесет души, што мораше да го носи в рака, а беше ѓаволски тежок. На проштевање, не можеше а да не му рече:

– Дупи помалку. Не заборавај на третата вистина за Москва!

Првпат по толку време Ангел Биков се насмевна. Во една пригода, некој од неговите претходници во Москва рече дека ќе им ги открие трите вистини за овој град: првата – сто километри за Москва не е никакво растојание; втората: во Москва во текот на денот можеш да завршиш само една работа, и третата: триперот, таму, во Москва, не е болест!

Ѝ мавна додека таа со пакетите, куферите и патничките торби, откако ја мина царинската контрола, се упати кон одделот за предавање на багажот. Не се ни заинтересира дали таа му одговори на мавнувањето – се сврте и тргна кон излезот. Се чувствуваше сосема лесен и слободен.

Кога Љубов Алексеевна се јави по вторпат?

Неколку дена по првото јавување. Повторно пред полноќ. Праша:

– Ристо Змиски сѐ уште не допатува во Москва?

Секогаш слушалката ја креваше тој, зашто Васка не знаеше руски и не се ни трудеше да почне толку брзо да го учи јазикот.

– Не – рече Ангел Биков. – Го очекувам секој ден.

Лажеше.

– Можете да ми го оставите бројот на телефонот за да ви поѕвонам штом ќе дојде – додаде.

Му сопре здивот од исчекување дека таа можеби ќе го одбие. Или притоа ќе му рече: Ристо го знае бројот на мојот телефон, тој ќе ви го каже кога ќе дојде. Меѓутоа, таа бавно го издиктира: 112-76-77.

– Побарајте ме по десет часот навечер. Јас до тогаш работам!

Чувствуваше: нејзиниот глас го моли, таа сака тој да ѝ поѕвони. Да ја побара. И тоа го возбудуваше, му извлекуваше ситни, студени капки пот од под кожата. Беше сигурен дека е во право: Љубов Алексеевна мора да е тенка, висока и сета бела, како снегулка. Само таква путка може да има толку свилен глас. Просто чувствуваш како се одмотува. Не, тоа повеќе не е желба, туку некоја потреба да ја натисне, да почувствува како крцкаат и се дробат под неговата мечкина прегратка тие нејзини коскички. И тој глас што ќе му се одмотува во увото:

– Уште посилно, уште поцврсто, мечоку мој, ебачу мој!

Ангел Биков боледуваше да биде љубен, да почувствува дека некому е нужен, дека некој сака да биде со него.

И кога мислеше дека повеќе нема што да го праша, таа прошепоти:

– А како се викате?

– Ангел, Ангел Биков – рече и убаво почувствува како сосема поинаку звучи ноќе, во разговор, неговото име.

Му се стори како да се насмеа. Девојката почна да го одмотува своето свилено клопче:

– Ангел, како бескрајна убавина на небесното пространство, а Биков како бик – ебач меѓу илјадници крави, дојдени на паша токму на таа бескрајна, цветна широчина.

Токму така рече: бик – ебач, и тоа беше сѐ што разбра од таа долга фраза, зашто уште го немаше совладано рускиот тогаш, тие први месеци од неговото доаѓање во Москва.

Го запиша бројот на телефонот на Љуба Алексеевна на она што прво му се најде под рака – некое ливче од белата маргина на весникот, случајно оставено крај телефонот, и здивна со олеснување.

– Пак таа курва? – го праша Васка кога А.Б. се врати од ходникот, каде што стоеше телефонскиот апарат.

– Не е курва, туку блиска познајничка на Змиски.

– Па што бара таа од тебе?

– Да ѝ помогнам да се сретне со него.

Васка Бикова:

– Курва! Сака да му го издудла некому и тоа е сѐ.

Ѝ го врти грбот додека легнува. Првпат ѝ дава за право – па зар на Љубов Алекесеевна толку ѝ беше важен некогашниот познајник, што мора постојано да се распрашува за него? Сепак, нека остане нејзиниот број на телефонот – ќе се најде можеби некогаш.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *