Рецензија за збирката раскази „Лица од парадоксалниот албум“

Меѓу нашите угледни творци во современата македонска литература, прозата на Томе Арсовски осведочено и континуирано е присутна над педесет години. Во областа на расказот, неговите почетоци се врзуваат за далечната 1960 г., кога на првиот конкурс за расказ на весникот „Нова Македонија“ ја добива првата награда за „Грдиот Нарцис“, меѓу 245 ракописи.

Како значајна одлика на расказното творештво на Томе Арсовски, и тоа особено во оваа книга, е интроспективниот пристап кон ликовите, особено внатрешните неспокојства на главниот субјект, распнат меѓу фактографијата и фикцијата, помеѓу современиот конкретен македонски и фиктивниот кафкијански простор. Книжевната порака на авторот е исполнета со тревога за човекот, за моралните вредности и парадигми со кои тој се судира, созрева и живее, во постојана потрага по прагот кој го дели светлиот од мрачниот простор. Во овој избор (низ четири циклуси: „Лица од парадоксалниот албум“, „Луѓе од сапуница”, „Тука, покрај нас…“ и „Кошмарни распетија”) во дваесетина раскази, инаку цел од оставината на авторот, со широк спектар на теми цврсто и темелно осмислени, со ретка сила Арсовски го поставува прашањето за идеалот, за определбата, со крупни зафати во животот – онаму каде што има искри и судири. Критиката го именува како „мајстор на прозата, кој го демонстрира својот ноеспорен книжевен ранг“ (С. Стојчевски). Во повеќето од расказите критиката го истакнува она што е карактеристично за прозата на Арсовски, имено: парадоксалниот пресврт, гротеската и апсурдот, како и свежината и динамичноста на дијалозите, често предадени во духовен манир.

Некои од расказите се инспирирани од конкретни личности и конкретни настани: акад. Блаже Конески, примадоните Мери Бошкова и Нада Гешоска, сликарот Владимир Георгиевски, диригентот Ловро Матачиќ и др., сѐ во интерес на тоа да се долови автентичноста на еден конкретен хронотоп во кој живееше и твореше Томе Арсовски.

Ермис Лафазановски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *