Проекција на едукативно-документарниот филм „Бела книга – женско писмо“ од Снежана Младеновска – Анѓелков

На 05.05.2023 г., по повод Денот на македонскиот јазик, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, беше прикажана едукативно-документарната проекција „Бела книга – женско писмо“ од Снежана Младеновска – Анѓелков пред многубројната публика од млади и возрасни. 

Филмот на Младеновска – Анѓелков е редок исчекор кон промовирањето на литературното творештво создавано од жени-авторки на македонската книжевна сцена. 

Сопоставувајќи ги своите размислувања за темите за кои пишуваат во своите книги, за начинот на кој го прават тоа, дали има повеќе поетеси или прозаистки на нашата книжевна сцена и други лични и провокативни теми, во филмот учествуваат: Лидија Димковска, Лилјана Пандева, Фросина Пармаковска, Снежана Стојчевска, Калина Малеска, Виолета Танчева-Златева, Николина Андова Шопова и Соња Стојменска-Елзесер.

Овој филм, во соработка со професорките по македонски јазик и литература, ќе биде прикажан во рамките на наставата во неколку средни училишта во Скопје, со цел да им ја доближи литературата на македонските авторки на учениците од трета и четврта година, запознавајќи ги со делата на актуелните домашни писателки, истовремено извршувајќи едукативна функција, но и поттикнувачка размисла за инкорпорирање на нивните книги во наставниот процес во образованието.

Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник, а истиот потоа доживеа уште две изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Авторка е на филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (2014) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Застапена е во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press.

Филмот може да се гледа на овој линк: 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *