На 3 април, во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија беа претставени шест преводи на бугарски јазик на романи од млади македонски автори кои беа објавени во издание на „Персеј“ и „Изида“, а со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија. Се работи за романите: „Ненасловена месечева соната“ од Давор Стојановски, „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска, „Очи со боја на чевли“ од Петар Андоновски, „Црвено и бело“ од Михајло Свидерски, „Куфер за тројца“ од Живко Гроздановски и „Бездомникот со златен часовник“ од Вера Калин.
Промоцијата ја отвори директорот на КИЦ во Софија, Васко Шутаров, а за книгите и преводот зборуваа Пламен Тотев од издавачката куќа „Персеј“, Тања Попова која е преведувач на дел од романите, како и самите автори. Освен овие романи, во текот на изминатите години преку овој проект беа преведени речиси триесет дела од различни книжевни жанрови и од повеќе автори меѓу кои Анте Поповски, Влада Урошевиќ, Луан Старова и други.